Човековата цивилизација ја има таа среќа да живее на една мирна планета со проѕирна атмосфера. Науката денес со сигурност знае дека овој, навидум бизарен факт, имал непроценлива и судбоносна улога во развојот на поединечната и колективна свест кај луѓето, како и во организацијата на живот на заедницата.

Проѕирната атмосфера овозможува луѓето да ги гледаат Сонцето, Месечината, ѕвездите и планетите, како неразделен дел од светот во кој тие живеат и од памтивек се борат за да опстојат.

Од една страна, недопирливоста на небото и небесните тела во минатото буделе страв и почит кај луѓето кои одиграле клучна улога во формирањето на религиозната свест и духовност како една од компонентите на човековата цивилизација.

Од друга страна, внимателното следење на периодичноста во движењето и изгледот на небесните тела овозможило луѓето да го осознаат времето, да ги откријат и формулираат природните закони со што ги поставиле темелите на научниот поглед на светот и ја развиле рационалноста и креативноста како втора битна компонента на човековата цивилизација.

Во науката денес постојат две интердисциплинарни науки кои го проучуваат влијанието на изгледот на небото и движењето на небесните тела во развојот на човековата цивилизација. Тоа се археоастрономијата и етноастрономијата.

Во изминативе години на територијата на Република Македонија сеработеше на собирање на етноастрономски податоци и спроведување на археоастрономски анализи на археолошки локалитети. За кусо време се добија почетни, но би се рекло многу значајни резултати кои од една страна го трасираат патот за сите заинтересирани истражувачи кои сакаат да работат во овие научни области, а од друга страна го будат интересот на јавноста за сопствените корени и културно наследство.

На овие страници ќе бидат презентирани сите досегашни сознанијаво областа на археоастрономијата и етноастрономијата, но исто така соодветно ќебидат надополнувани со сите идни научни откритија од овој домен на територијата на Република Македонија.



   
 
       
  Поддржано од „Министерството за Култура на Република Македонија
Сите права заштитени, Archaeo Base 2006