Во историјата на сите стари народи и култури постојат свети планини како места каде што се спојуваат небото и земјата и каде што луѓето воспоставуваат контакт со боговите. Така на пример, во Индија богот Шива-Махешвара секогаш слегувал на врвот на планината Ба-Пном, во Кина 72 цара принесувале жртви на врвот на планината Таишан, според библиските извори Мојсеј ги примил камените плочи со божјите заповеди на врвот на Синај, итн.

 Планината со надморска висина од 1013 метри сместена во североисточниот крај на Македонија во непосредна близина на селото Кокино била светата планина за луѓето кои живееле на тие простори пред 3800 години. Археолошките ископувања и спроведената археоастрономска  анализа на локалитетот кој е сместен под самиот врв на планината, покажаа дека станува збор за исклучително ретка комбинација на планинско светилиште и древна опсерваторија изградени пред 3 800 години, а користени во следните 1 200 години.

 Огромните количества фрагментирани керамички садови употребувани во бронзениот и во железниот период зборуваат за значењето на ова место и масовните посети во ритуалните денови кога се изведувале ритуали поврзани со Големата Божица Мајка и Богот Сонце како и со завршувањето на жетвата.

 Археоастрономската анализа покажа дека локалитетот ги има сите карактеристики на една добро сочувана древна опсерваторија со ретко видени содржини. На ова место луѓето со векови го набљудувале и со посебни камени маркери го обележувале движењето на небесните тела, но пред си на Сонцето и на Месечината. На опсерваторијата исто така се идентификувани посебни маркери за мерење на времето и за изработка на лунарниот календар. Токму изработката на календарот ја истакнувал посебната улога на локалитетот во организацијата на животот на заедницата како во практична смисла на зборот  при определување на деновите за изведување на земјоделските и сточарските активности, така и во религиозна смисла на зборот, со определување на деновите за изведување на ритуали и обреди поврзани со божествата од овој период во развојот на човековата цивилизација на овие простори.

 Многубројните и добро сочувани и оригинални содржини на локалитетот брзо предизвикаа голем интерес во светската научна јавност, за што сведочи и рангирањето на Мегалитската опсерваторија Кокино на четвртото место на листата на стари опсерватории во светот објавена во 2005 година од страна на Американската вселенска агенција НАСА.

>>>

   
 
       
  Поддржано од „Министерството за Култура на Република Македонија
Сите права заштитени, Archaeo Base 2006