Космогониските митови и обреди имаат централно место во колективната свест на еден народ. Тие ја даваат сликата на прапочетокот, на златното доба во кое боговите-создатели го издвојуваат редот од хаосот, доброто од злото и го создаваат светот според божјите мерила за добро и убаво. Космогониските митови даваат одговори на две многу важни прашања поврзани со разбирањето на земниот, подземниот и небесниот свет. Во нив не само што е објаснето како светот е создаден, туку се дава одговор и на прашањето зашто тој е создаден. Космогониските митови и обреди понекогаш имаат локални варијанти, но најчесто тие имаат заеднички карактеристики кај сите народи, особено во подолгите временски периоди. Тоа може да се протолкува и со заедничка појдовна точка, а тоа е набљудувањето на зедничкото ѕвездено небо и движењето на небесните тела, особено на Сонцето и Месечината.

 Започнувајќи од 1982 година на територијата на Република Македонија се спроведува систематско собирање на народните претстави за небото и за небесните тела, Земјата, времето и за климатските промени. Со еден збор, се изведуваат етноастрономски и етнометеоролошки истражувања кај македонскиот народ. На оваа тема, во 2004 година е издадена, засега, единствената книга од оваа област „Небото над Македонија“од авторот Ѓоре Ценев.

 Ако се тргне од фактот дека космогониските митови и обреди кај македонскиот народ за првпат се забележани во писмена форма и дека досега тие биле пренесувани од колено на колено по усмен пат, тогаш зачудува фактот како тие успеале толку долго да опстанат.

 Митовите за создавањето на светот, за Земјата како Божица Мајка, Богот Сонце и сончевата планина, Месечината која слегува на Земјата и се претвора во крава, претставата на месеците како божества, оригиналната поделба на небото во соѕвездија итн., немаат ништо заедничко со постоечката христијанска религија на населението. Овие митови имаат многу подлабоки корени кои досегнуваат до предисторијата. Самиот факт што тие опстанале кај народот и покрај разните освојувачи, на пример старите Римјани и Турци кои со стотици години владееле на овие простори, или покрај влијанието на разните религии како што се римската, исламската и христијанската, зборува за виталноста и за длабоката вреженост во колективната свест на народот.

 Изворните информации во оваа книга, како и во сите останати извори, можат да послужат за натамошна антрополошка анализа, како на македонскиот народ така и за изработка на компаративни анализи со другите народи во светот.

>>>

   
 
       
  Поддржано од „Министерството за Култура на Република Македонија
Сите права заштитени, Archaeo Base 2006